Огнен Јанески
ТВ Личност, Автор, Модератор, Лектор
Своето искуство го гради во неколку медиумски платформи, почнувајќи на 11-годишна возраст. Со неговото прво вработување во 2007-та во МТВ1 – на свои 20 години станува најмладиот спикер на вести во историјата на јавниот сервис на Македонија. Од 2008-та, во ТВ „Сител“ се истакнува како водител и уредник на контактни емисии, кои подоцна ќе му станат печат на новинарската кариера, преку познатата емисија „Бумбар“, а потоа, откако кон крајот на 2011-та во ТВ 24 (каде сè уште работи активно) ја создава и најпопуларната емисија од ваков вид – „Очи в Очи“. Во 2019 бил и главен и одговорен уредник на телевизијата. Работи и како дописник и известувач за странски медиуми (Турција, Унгарија, Шпанија, САД…).
Работел на телевизиски проект од ЕУ (Брисел) – „Мит нЕУтрализатор“ (2010-2012). Тој е и единствениот македонски новинар (од 1981г.) кој бил избран од Генералниот секретаријат на Бан Ки-мун за престижната двомесечна “Меморијална новинарска стипендиска програма Рехам ал-Фара 2016“ во седиштето на ОН во Њујорк, САД, а е и единствен досега од Македонија кој бил примен на новинарската програма „Нова Генерација“ во Москва, од МНР на Руската Федерација во 2018 година. Бил на работен престој (2015г.) во САД, на покана од Стејт Департментот во Вашингтон.
Во 2011-та бил привремено ангажиран како раководител на секторот за односи со јавност во Државната лотарија на Македонија, а во 2016-та како надворешен консултант на Специјалното јавно обвинителство за основање на канцеларијата за односи со јавност и за подготовка на тимот за јавни настапи.
Консултантски работи и како ПР и тренер/предавач по реторика, јавни настапи и презентациски вештини за невладини организации, компании и за политички партии и интересни групи, одржувајќи индивидуални и/или групни часови.
Добитник е на многубројни домашни и меѓународни награди и признанија за неговата работа и активизам, меѓу кои и „Маж на годината 2018 – избран од социјални медиуми“, „Најпопуларен ТВ-водител за 2016-2017 година“, меѓународната „ЛГБТ пријател на годината 2016 “, „Најдобар говорител на македонскиот јазик 2014“ и втора награда на ЕБОР за новинарство во 2012 година.
Тој волонтерски е член на неколку одбори, меѓу кои и Управниот одбор на МОФ, Меѓународниот советодавен одбор на „ЕРА-ЛГБТИ – Асоцијација за еднакви права за ЛГБТИ за Западен Балкан и Турција“, Меѓународниот одбор на Фондот „Градиме Мостови“ при Мисијата на ОБСЕ во Северна Македонија, Управниот одбор на Центарот за современа ликовна уметност – Прилеп, како и член на Управниот Одбор на Здружението за канабис и зелени политики „БИЛКА“ на кое е и ко-основач.
Автор е на неколку книги и публикации, меѓу кои и „Муабети за личен развој“ (2019, коавтор), „Протокол за (само)заштита на новинари и медиумски работници од пандемијата со КОВИД-19“ (2020, коавтор, прв ваков документ во светот) и „Прирачник за медиумско известување ЕУ-преговарачкиот процес“ (2020, коавтор и уредник).“