Лондонска школа за односи со јавност

No Image

Огнен Јанески

Новинар и уредник во ТВ24, Македонија

Еден од највпечатливите гласови во етерот, кого јавноста го препознава како успешен водител-новинар, активист за човекови права и како домаќин на многу емисии, конференции, манифестации, обуки и тренинзи. Во своите 31 година живот, има 20-годишно работно искуство, започнувајќи по животен пресврт кој го преживеал како дете. Првиот јавен настап го имал на возраст од пет години, пред публика од 600 луѓе, а најбројна публика која слушала негов импромту говор се 90.000 луѓе на улица.
Своето искуство го гради во неколку медиумски платформи, почнувајќи на 11-годишна возраст во локалниот Центар за печат, радио и телевизија. Со неговото прво редовно вработување во 2007-та во МТВ1 – на свои 20 години станува најмладиот спикер на вести во историјата на јавниот сервис на Македонија. Работи на повремени колумни, дописништва и анализи за домашни весници и странски телевизии (меѓу кои и „Утрински Весник“, „TRT World“ – Турција и „HirTV“ – Унгарија). Од 2008-та, во ТВ „Сител“ се истакнува како водител и уредник на контактни емисии, кои подоцна ќе му станат печат на новинарската кариера, преку познатата емисија „Бумбар“, а потоа, откако кон крајот на 2011-та се вработува во ТВ 24 ја создава и најпопуларната емисија од комуникациски карактер – „Очи в Очи“.

Работел на телевизиски проект од ЕУ (Брисел) – „Мит нЕУтрализатор“ (2010-2012), кој бил сниман во седум балкански држави. Тој е и единствениот македонски новинар кој во изминатите 39 години, во 2016 година бил избран од Генералниот секретаријат на Бан Ки-мун за престижната двомесечна “Меморијална новинарска стипендиска програма Рехам ал-Фара“ во Одделот за јавни информации во седиштето на ООН во Њујорк, САД, а е и единствен досега од Македонија кој бил примен на новинарската програма „Нова Генерација“ во Москва, Руска Федерација во организација на тамошното МНР за посети на млади претставници за политиката, научните и бизнис-круговите од странство во 2018 година. Бил на работен престој (2015г.) во САД, на покана од Стејт Департментот во Вашингтон.

Во 2011-та бил привремено ангажиран како раководител на секторот за односи со јавност во Државната лотарија на Македонија, но и во 2016-та како надворешен консултант на Специјалното јавно обвинителство за основање на канцеларијата за односи со јавност и за подготовка на тимот за јавни настапи.

Добитник е на многубројни домашни и меѓународни награди и признанија за неговата работа и активизам, меѓу кои и „Маж на годината 2018 – избран од социјални медиуми“, „Зелен глобус 2017“ (новинар-активист за чист воздух), признание за хуманитарни дејности за 2017 од Фондацијата „проф. д-р Љупчо Ајдински“, медиумски амбасадор (два мандата) на програмата за Часот на планетата Земја за Македонија, меѓународната „ЛГБТ пријател на годината 2016 “, „Златна бургија за колумнист на 2014“, „Најдобар говорител на македонскиот јазик 2014“ и втора награда на ЕБОР за новинарство во 2012 година.

Тој волонтерски е член на неколку одбори, меѓу кои и Меѓународниот советодавен одбор на „ЕРА-ЛГБТИ Асоцијација за еднакви права за ЛГБТИ за Западен Балкан и Турција“, Меѓународниот Одбор на Фондот „Градиме Мостови“ при Мисијата на ОБСЕ во Северна Македонија, Управниот одбор на Центарот за современа ликовна уметност – Прилеп, како и член на Управниот Одбор на Здружението за канабис и зелени политики „БИЛКА“ на кое е и ко-основач.

Консултантски работи и како ПР и тренер/предавач по реторика, јавни настапи и презентациски вештини за невладини организации, компании и за политички партии и интересни групи.